Деловни настани

Деловни настани

ПВЕ „Богданци“ почна со производство на електрична енергија

Паркот на ветерни електрани „Богданци“ лоциран во месноста Ранавец крај Богданци, почна со редовно производство на електрична енергија по успешно поминатите процедури на тестирање на опремата. Специфично за ветерниците е што нивниот дизајн е наменски  направен, нивните глави и пропелери да ротираат во зависност од насоката и силината на ветерот со цел да постигнат што поголем ефект. Тие, автоматски, со помош на сензори се вртат и по неколку стотини пати во денот сè со цел да постигнат што поголемо искористување на ветерот. Во паркот има 16. ветерници чие поставување заврши на 20 февруари 2014 година, со што и официјално беше заокружена најтешката етапа од изградбата. За успешна реализација на проектот пред фазата на монтажа на ветерниците беа изградени 20/110 киловолтна трафостаница, 110 киловолтен далновод во должина од 11,8 километри, потоа се изградија пристапните патишта, беше изградено приклучно поле во КС 110/35/10 киловолти во Валандово, а исто така се изгради  и командна зграда.


Овој енергетски капацитет само во првите 11 месеци од работењето го испорача проектираното годишно производство од 100 илјади мегават-часови. Паркот на ветерници со производство од најмалку 100 гигават-часови природно одржлива енергија веќе ги снабдува домаќинствата на преку 60 илјади граѓани на Република Македонија или еден поголем град како Прилеп, Куманово, Тетово, Гостивар. Во основа, годишното производство на овој капацитет е речиси еднакво на потребите на потрошувачите од Богданци, Гевгелија и Дојран. Со овој ветерен парк се зголеми учеството на обновливите извори на енергија во АД ЕЛЕМ за 36,8 мегавати. Паркот на ветерници „Богданци“ е капацитет вреден 55,5 милиони евра.


 

ВРАЧЕНА НАГРАДАТА ЗА АД ЕЛЕМ

Во октомври, во Охрид беше отворен 16. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија. На овој меѓународен собир учествуваа 300 градежници и архитекти од 12 земји: Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Словенија, Германија, Португалија, Италија, Грција, Казахстан и Соединетите Американски Држави. Симпозиумот се фокусираше на прашања од областа на градежното конструкторство, со посебен акцент на современите методи и техники за проектирање и изведба на градежните конструкции како предуслов за одржлив развој. Главна цел на симпозиумот беше да обезбеди форум, каде домашните и странските учесници ќе можат да разменат знаење и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежништвото. Повикани беа да учествуваат сите градежни конструктори и студенти, како и истражувачи од сродни области. Темата на симпозиумот беше „Современи конструкции – одржлив развој“.

Традиционално, беа доделени и наградите за остварувања во областа на науката, проектирањето и изведбата на градежни конструкции во периодот помеѓу два симпозиуми. Нашата компанија беше меѓу наградените, за изградба на хидроелектраната „Св. Петка“. Претседателката на Друштвото на градежни конструктори, г-ѓа Мери Цветковска, му врачи признание на генералниот директор на АД ЕЛЕМ, м-р Дејан Бошковски.               


 

ТРЕТА ФАЗА ОД МОДЕРНИЗАЦИЈАТА НА РЕК „БИТОЛА“

АД ЕЛЕМ и словенечката компанија „Рудис“ по претходна спроведена јавна набавка,  склучија Договор за реализација на подготвителни активности кои имаат цел намалување на емисиите на SOx и прашина од РЕК „Битола“. Станува збор за реализација на третата фаза од процесот на модернизација и ревитализација на најголемиот домашен енергетски комбинат за производство на електрична енергија. По изборот на решението од страна на АД ЕЛЕМ, словенечката компанија ќе изготви студија и ќе учествува и во подготовката на тендерската документација за избор на изведувач кој ќе ја спроведе изградбата на системот за десулфуризацијата на терен. Овие инвестициски активности се во износ од 298.000 евра, а сите задачи од Договорот треба да се реализираат во рок од 24 месеци. Со целосната реализација на оваа активност ќе се постигне емисиите на SOx и прашина од РЕК „Битола“ да бидат во согласност со европската директива ИЕД 2010/75/ЕУ.


ЗЛАТЕН ЈУБИЛЕЈ ЗА ХЕ „ГЛОБОЧИЦА“


На 4 ноември, во просториите на ХЕС „Црн Дрим“ – Струга, во присуство на вработените и други почитувани гости и пријатели на компанијата, се обележа значаен јубилеј, посветен на пуштањето во работа на хидроелектраната „Глобочица“, нејзиниот развој и растеж од 1965 година до денес. Пред 50 години, во далечната 1965 г. од оваа електрана протекоа првите киловат-часови електрична енергија и по петдецениска успешна работа на овој хидроенергетски систем може да се гордееме со производството  кое надмина 9 милијарди киловат-часови електрична енергија. Хидроелектраната „Глобочица“ е проектирана и изведена со инсталирана моќност од 42 MW, а остварува просечно годишно производство од 180 GWh. Наголемото производство е остварено во 2010 година, од 292,238 МWh електрична енергија, кога се случи и најголемиот прелив што надмина 50 милиони kWh и имаше највисока измерена вредност на котата на Охридското Езеро од 694,06 м.н.в. Со пуштањето во употреба на првиот агрегат на ХЕ „Глобочица“ и производството на првите киловат-часови електрична енергија не значеше дека сите работи на овој хидроенергетски систем се завршени. Од самиот почеток, цели 50 години постојано се изведуваат инвестициски зафати за да се доискористат сите потенцијали за зголемување на моќноста и зголемување на производството.

По извршената модернизација на ХЕ „Глобочица“, како дел од проектот „Ревитализација на шест хидроелектрани“, таа спаѓа во редот на најсофистицирани електрани во светот и е компатибилна да работи во најсовремени електроенергетски мрежи пред сè заради примарната регулација иможноста да обезбедува системски услуги за потребите на електроенергетскиот систем и да биде управувана од далечина односно од Диспечерскиот центар на АД МЕПСО.

 

Денес како дел од АД „Електрани на Македонија“, ХЕ „Глобочица“ работи според меѓународните стандарди ИСО 9001. 14001 и ОКСАС 18001, што претставува  квалитет и одговорност во процесот на производство на електрична енергија, заштита на животната средина  и пред сè безбедноста на здравјето на работниците.

       


 

УНАПРЕДУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА ЗА НУКЛЕАРНА ЕНЕРГИЈА

АД  ЕЛЕМ како најголем производител на електрична енергија во Република Македонија има задача постојано да ги следи светските трендови во енергетиката, внимателно да ги разгледува и анализира можностите од воведување нови технологии и нови извори на енергија. Изминатиот период, во организација на АД ЕЛЕМ и Меѓународната агенција за атомска енергија се одржаа две меѓународни работилници за регионална соработка во  нуклеарната енергетика.

 

Во работилниците учествуваа претставници од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, од Министерството за економија, Министерството за образование и наука, од Агенцијата за енергетика, МЕПСО, Стопанската комора, Факултетот за електротехника и информатички технологии, МАНУ, Машинскиот факултет, Градежниот и Економскиот факултет, како и голем број стручни лица од ЕЛЕМ. На работилниците се разгледуваа прашања од аспект на регионална соработка во доменот на нуклеарната енергетика, а учествуваа експерти и универзитетски професори од областа на енергетиката и нуклеарната енергетика од  Канада, Велика Британија, САД, Бугарија, Хрватска, Словенија.
Македонија нема нуклеарна енергетска програма и сè уште нема донесено одлука да отпочне со нуклеарна програма во сопствени или регионални проекти, но Владата во континуитет ги следи меѓународните трендови и случувања во оваа област, а посебно е заинтересирана за регионалните трендови и за соработка со соседните земји на ова поле. Изградбата на енергетска инфраструктура е неопходна за започнување  на нуклеарна енергетска програма и бара големи вложувања од финансиска и кадровска природа, затоа е неопходно да се поткрепи со регионална соработка. Токму овие работилници се значаен чекор напред кон унапредувањето на овој тип соработка, како што и беше заклучено од сите присутните на двете последователни работилници организирани од АД ЕЛЕМ.

 

 

Copyright © 2015 А.Д ЕЛЕМ. Сите права се заштитени.