Човечки ресурси
                            Секторот за правни и општи работи преку Одделот за нормативни работи и органи на Друштвото ги изработува и ги доставува сите материјали што произлегуваат од работењето на органите на управување и надзор во АД „Електрани на Македонија“, во државна сопственост – Скопје, и од работењето и на Управниот одбор и на Надзорниот одбор.
Одделот за нормативни работи и органи на Друштвото во периодот од 1.1.2015 до 31.12.2015 година подготви материјали за 85. состаноци на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ – Скопје.
                            Управниот одбор на АД ЕЛЕМ- Скопје донесе повеќе одлуки, на кои беа разгледани материјали кои се  во негова надлежност, меѓу кои се следниве (хронолошки):
                            
                              - Предлог-oдлука за изменување и за дополнување на Статутот на АД  ЕЛЕМ;
- Одлука  за донесување Финансиски план на АД  ЕЛЕМ за 2015 година; 
- Одлука  за донесување Годишен план за јавни  набавки за 2015 година; 
- Одлука  за донесување Годишна инвестициска  програма за 2015 година; 
- Одлука  за донесување Мерки за штедење на АД ЕЛЕМ; 
- Одлука  за донесување Правила за продажба на  вишоци на електрична енергија и 
моќност;
                            
                              - Одлука  за донесување Правилник за лична  заштитна опрема; 
- Одлука  за донесување Мрежни правила за  дистрибуција на електрична енергија; 
- Одлука  за донесување Процедура за продажба  на отпад; 
- Измена и дополнување на Упатството за шифрирање материјали; 
- Одлука  за донесување Кодекс на етика на АД  ЕЛЕМ – Скопје; 
- Одлука  за донесување Правила за ред и дисциплина; 
- Одлука  за донесување Процедура за користење на  возниот парк на АД ЕЛЕМ – Скопје; 
- Одлука  за донесување Консолидирана годишна  сметка и Консолидиран 
финансиски  извештај на АД ЕЛЕМ за период од 1.1.2014 до 31.12.2014 година; 
                            
                              - Одлука  за донесување Процедура за движење и  ликвидирање документи пред сметководствено евидентирање во Секторот за  финансиски работи во Дирекцијата и во подружниците; 
- Одлука  за донесување конечен извештај за проектот „ Ревитализација на шест ХЕ –  втора  фаза“; 
- Одлука за донесување  Кодекс на етика на АД ЕЛЕМ; 
- Одлука за усвојување  на Анализата на состојбата на енергетските објекти во сопственост на АД ЕЛЕМ; 
- Одлука за усвојување  на Анализата за можноста за конверзија на ТЕЦ Неготино на природен гас; 
- Одлука  за усвојување опција за ревитализација на ТЕЦ Неготино со увозен  висококалоричен јаглен; 
- Одлука  за именување членови на Комисија за заштита на правата; 
- Одлука за усвојување на извештајот за  статусот на реализација на акцискиот план за постапување по наодите на независниот ревизор, по извршената ревизија во  2013 година во АД ЕЛЕМ – Скопје; 
- Одлука за усвојување извештај од спроведена постапка за отуѓување отпадни материјали од Комисија  за отпад; 
- Одлука за усвојување извештај од работна група за вредносно и количинско усогласување на  состојбата на резервни делови и суровини меѓу РЕК „Битола“ и ФОД ДООЕЛ „Новаци“; 
- Одлука за усвојување  на дополнувањето на завршниот извештај од работната група за набавка на  рударска опрема за потребите на ПЕ Рудници,подружница РЕК „Битола“; 
- Одлука  за усвојување Правилник за приватно  обезбедување за сопствени потреби; 
- Одлука  за формирање работна група за евалуација на понуди за задолжување за проектот „Топлификација  на Битола, Могила и Новаци-прва фаза“; 
- Одлука  за продолжување со постапката за задолжување обезбедена со државна гаранција за  проектот „Топлификација на Битола, Могила и Новаци-прва фаза“; 
- Одлука  за задолжување без државна гаранција за проектот „Набавка на рударска опрема за  потребите на ПЕ Рудници-РЕК ‘Битола’“; 
- Одлука  за формирање работна група за евалуација на понуди за задолжување без државна  гаранција за проектот „Набавка на рударска опрема за потребите на ПЕ  Рудници-РЕК ‘Битола’“; 
- Одлука  за доделување стипендии на студенти од Машински факултет-Скопје; 
- Одлука  за доделување стипендии на студенти од ФЕИТ-Скопје; 
- Одлука  за доделување стипендии на студенти од Технички факултет-Битола; 
- Одлука  за усвојување на Анализата за  исплатливоста на транспорт на јаглен од јагленово наоѓалиште Неготино до ТЕЦ „Битола“  и до ТЕЦ „Осломеј“; 
- Одлука  за усвојување на предлог-процедурата за внатрешна ревизија од Службата за  внатрешна ревизија; 
- Одлука  за усвојување Годишен извештај за  работата на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ-Скопје за 2014 година; 
- Одлука  за усвојување Процедура за движењето  и ликвидирањето на документи пред нивно сметководствено евидентирање во Сектор  за финансиски работи во Дирекцијата и во подружниците на АД ЕЛЕМ; 
- Одлука за вршење  редовен попис на средства, побарувања и обврски на АД „Електрани  на Македонија“, во државна сопственост, Скопје за 2015 година и формирање  Централна пописна комисија; 
- Одлука  за усвојување информација за проектот  „Набавка на рударска опрема за потребите на ПЕ Рудници – РЕК ‘Битола’“ со барање за донесување одлука  за задолжување на АД ЕЛЕМ-Скопје со државна гаранција кај меѓународни финансиски  институции; 
- Одлука  за усвојување План за производство за  задоволување на потребите од електрична енергија на АД ЕЛЕМ за 2016 година; 
- Одлука  за донесување Годишна  инвестициска програма за 2016 година; 
- Одлука  за усвојување Извештај односно подлоги  за анализа на можностите за снабдување на термоелектричните централи во РЕК „Битола“  со јаглен од рудниците во РЕК „Битола“ во следните 10 години; 
- Одлука  за усвојување одлука за склучување договор за заем со КФВ банка (КfW ) за  финансирање на проектот „Топлификација на Битола, Могила и Новаци“; 
- Одлука  за донесување Годишен план за јавни  набавки за 2016 година; 
- Одлука  за усвојување објава на ликвидациска постапка од ЕЛЕМ Топлификација ДООЕЛ  Новаци, во ликвидација; 
- Одлука  за донесување Финансиски план за 2016  година; 
Одлука за усвојување Акциски план врз основ на извештајот на Надзорниот одбор за  подобрување на работaтa на АД ЕЛEM. 
                            Управниот одбор, во согласност со неговите статутарни и законски  надлежности, ги разгледуваше месечните и годишните извештаи за работењето на  подружниците на АД ЕЛЕМ-Скопје, како и кварталните и годишните извештаи на  трговските друштва чиј основач е АД ЕЛЕМ - Скопје (ФОД ДООЕЛ Новаци, ФОРТ ДООЕЛ  Осломеј, ЕЛЕМ Топлификација ДООЕЛ Новаци, ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, ЕЛЕМ ТРЕЈД  ДООЕЛ Скопје).
                              Секторот за правни и општи работи преку Одделот за нормативни работи и  органи на Друштвото во текот на 2015 година подготви  материјали за 15.  состаноци  на Надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ-Скопје, на кои беа донесени одлуки за кои Надзорниот одбор дава  претходно одобрување, во согласност со Законот за трговски друштва и Статутот  на Друштвото. Исто така, Надзорниот одбор вршеше редовно разгледување на извештаите  за работењето на секторите во АД ЕЛЕМ-Скопје, и други материјали за кои е  надлежен да одлучува. 
                              Во Секторот за  правни и општи работи беа подготвени сите записници од состаноците на Управниот  и на Надзорниот одбор, и беа подготвени и објавени 22 службени гласници на АД  Електрани, во државна сопственост - Скопје. 
                            Службата за општи работи, со цел  подобра контрола на трошоците за гориво, оваа година подготви норматив за  просечна потрошувачка на гориво за сите возила во возниот парк на АД ЕЛЕМ –  Скопје, Дирекција. Во случај на забележана зголемена потрошувачка на некое од  возилата, нормативот ке биде референтен за проценка дали потрошувачката е во  рамките на нормалните допуштени вредности.
                              Во согласност  со процедурите на стандардот за безбедност и здравје при работа ОКСАС 1801 (OHSAS), возачите се  информирани за упатството за безбедна работа. 
                              Службата за  општи работи, во согласност со Процедурата  за архивско работење на АД ЕЛЕМ, а со цел поефикасно спроведување, воведе роковни  штембили за сите сектори во Дирекција, со што секој документ кој влегува во  архивата,  покрај со соодветниот архивски знак, ќе биде означен и со рокот  за чување на документот. Со тоа е олеснета постапката за разведување на документите во согласност  со нивниот рок за чување.
                              До државниот  архив на РМ беше поднесен план на архивски знаци, листа на архивски материјал и  листа на материјали со рокови за чување за 2016 година. Листите и плановите беа  одобрени. 
                              Во делот на одбрана, заштита и  спасување, и кризи во овој период преземени се повеќе активности, меѓу кои  позначајни се:
                            
                              -  изготвен е Годишен план за работа со документи за одбрана за 2015 година,  одобрен од генералниот  директор, 
- изготвен е Годишен план за работа со документи за заштита и спасување за 2015 година, одобрен од генералниот директор и  помошник- директорот за правни и општи работи, 
- изработен е воен  електроенергетски биланс за 2015 година  и други потребни документи, 
- одржана е основна обука на штабови за заштита и спасување (Дирекција и подружници), 
- одржана е обука за класифицирани информациии на носителите на безбедносен  сертификат во соработка со стручни лица, 
- одржани се обуки на универзалните единици за заштита и  спасување по претходно добиена согласност од генералниот  директор и помошник- директорот за правни и општи работи, 
- спроведена е подготовка, организирање и одржување обуки за следниве системски учења : одбрана на вработените, основни обуки на штабови за заштита и спасување, основна обука на единици за заштита и спасување, обуки на универзални единици за заштита и спасување, обука за класифицирани  информации во Дирекцијата и во подружниците на АД ЕЛЕМ – Скопје, во соработка со Дирекцијата за заштита и  спасување на Република Македонија,
- изработени се потребни документи и организирани се  обуки за носителите на безбедносен сертификат на АД ЕЛЕМ – Скопје.
Вкупниот број на вработени во АД ЕЛЕМ- Скопје, заклучно со  31.12.2015 година, изнесува 4.772 работници на неопределено време и 302  работници вработени преку Агенција за привремени вработувања.
                              Бројот на работниците во Дирекцијата и подружниците  на АД ЕЛЕМ- Скопје, со состојба 31.12.2015 година е следна: подружница ХЕС „Маврово“-Гостивар - 349  вработени, подружница ХЕС „Црн Дрим“-Струга - 216 вработени, подружница ХЕЦ „Тиквеш“-Кавадарци  - 91 вработен, подружница ХЕС „Треска“ –Скопје - 94 вработени, подружница РЕК „Битола“-  Новаци - 2.720 вработени, подружница РЕК „Осломеј“- Осломеј - 974 вработени, подружница  „Енергетика“ – Скопје -151 вработен, и Дирекција-Скопје-177 вработени.
                            Според степенот на стручна подготовка најголем  број вработени  или 41% се со  IV степен средно  училиште; 25% од вработените се  со III степен  средно училиште  во занимање;  11,25% се ПК работници со  II степен; 10,39% се  со VII/1 степен  или високо образование; 5,4% се со  I степен неквалификувани  вработени; 2,95% се со  VI степен вишо  образование; 2,58% се со  V степен високо  квалификувани работници;  1,34% се со VII/2 степен  магистри и 0,1% од вработените во Друштвото се со  VIII степен доктори  на науки.
                            
                            Табеларен преглед е прикажан во прилог  1.
                            
                                
                          Според возраста најголемиот процент на вработени односно 41,26% се на возраст од 46-55 години; 22,34% се на возраст од 56-64  години; на возраст од 36-45 години се 21,65% од вработените; на возраст од 26-35 години се 13,16%; на возраст до 25 години се 1% и на возраст над 64 години се 1% од вработените. 
                            
                            Според половата структура во АД ЕЛЕМ-Скопје најголемиот број или 4.158 вработени односно 87% се мажи и 614 или 13% се жени. 
                            Табеларен преглед е прикажан во прилог 2.