Грижа за заедницата

ГРИЖА ЗА ЗАЕДНИЦАТА

АД Електрани на Македонија во рамки на усвоената Декларација за општествена одговорност континуирано и во рамките на можностите ги поддржува и соработува со институциите и граѓанскиот сектор во насока на унапредување на областите од јавен интерес како што се спортот, културата и уметноста, образованието и науката, животната средина, социјалната заштита итн. Во последните три години компанијата одлучи да воведе постратегиски приод во својата поддршка на заедницата која се стреми да излезe од рамките на традиционалните форми на донирање и спонзорирање на барање на примателите. Овој стратегиски приод се состои од неколку сегменти: 1) утврдување на специфичните потреби во области од јавен интерес кои ЕЛЕМ ги поддржува; 2) обезбедување поддршка која е фокусирана на постигнување мерливи резултати и долгорочни ефекти; 3) континуирана комуникација и соработка со институциите и здруженијата што користат поддршка од АД ЕЛЕМ и надградување на формите на соработка.

Како резултат на процесот на идентификување на потребите во 2013, АД ЕЛЕМ, во рамки на поддршката на организации од областа на социјалната заштита, утврди дека е потребно да поддржи проекти што содржат спроведување кампањи во областа на социјалните теми. Имено, решивме да поддржиме граѓански организации коишто го олеснуваат и го подобруваат животот на маргинализирани групи граѓани, но не се доволно препознаени од заедницата и пошироката јавност бидејќи не се во можност да издвојат средства за спроведување на социјални кампањи кои ќе ја претстават нивната мисија и ќе ги доближат до нивните корисници.

АД ЕЛЕМ смета дека ваквата поддршка на граѓанскиот сектор е мошне корисна за заедницата бидејќи придонесува за поефективно спроведување на нивните социјални програми што носат полза на целото општество. Доделените средства се насочени кон искусни организации што обезбедуваат директна поддршка на своите целни групи, а се соочуваат со проблеми на одржливост. Со имплементацијата на поддржаните активности се придонесе кон подигање на јавната свест и актуализација на темите коишто се ретко, директно, третирани во јавниот дискурс: постоењето на гладта и семејното насилство:
- актуализирање на темите: сиромаштија, глад и семејното насилство преку насочено реализирање на Декларацијата за општествена одговорност на АД ЕЛЕМ;
- овозможување конкретна поддршка на програмите на граѓански организации што нудат поддршка на социјално загрозени групи и жртви на семејно насилство;
- обезбедување поддршка за имплементација на социјални кампањи преку кои заедницата ќе се поттикне да презема конкретни активности: донирање храна и пријавување семејно насилство;
-подигање на свеста кај другите претпријатија за потребата од фокусиран приод во поддршката на кампањи за социјални теми и
-придонес во градењето на похумано општество и делумно санирање на последиците од сиромаштијата и семејното насилство.
Негувајќи стратегиски приод кон корпоративната филантропија, ЕЛЕМ во рамките на категоријата социјална заштита, преку јавен повик бр. 1/13 за прибирање апликации за распределба на средства согласно Декларацијата за општествена одговорност, идентификуваше проекти за поддршка и соработка поврзани со кампањи и активности насочени кон горливи социјални прашања. Како претпријатие во државна сопственост социјалните теми се од особено значење во нашиот приод кон ООП.

Во Македонија не е мал бројот на лица што се приматели на социјална помош и се во тешка материјална состојба, при што се соочуваат со глад и недостиг на храна. Континуирано се преземаат различни мерки за згрижување и поддршка на овие категории сиромашни и социјално загрозени граѓани, но поттикнувањето нови аспекти на социјалната политика е значаен чекор. Стратегискиот пристап за решавање на овој проблем што се однесува на намалување на социјалниот ризик, нè мотивираше да го истакнеме ова прашање во 2013 г.

Според податоците од истражувањата на граѓанскиот сектор секоја втора жена во РМ е жртва на психичко насилство, а секоја петта е жртва на физичко насилство. Бројот на официјално пријавени жртви на семејно насилство е мал во однос на обемноста на појавата поради стигматизацијата на оваа проблематика. Ја препознавме потребата за обновување и осовременување на оваа тема.

Компанијата беше мотивирана да даде свој придонес за актуализирање на овие теми во заедницата и да се вклучи во кампањите за промоција на граѓанските организации од оваа област. На овој начин се издејствува помасовно вклучување на заедницата во поддршка на активностите на организациите. Се промовираше актуелна тема и важна токму во сегашниот момент.

Во рамки на Декларацијата за ООП, АД ЕЛЕМ ги распределува средствата за поддршка на граѓански и непрофитни организации преку 1 јавен повик во текот на годината. Поддржани се вкупно 50. проекти и тоа од установи, граѓански организации и физички лица во седум области и тоа: здравство и здравствена заштита, социјална заштита, спорт, екологија, култура и уметност, образование и наука, развој на граѓанско општество.
Во рамки на поддршката што ја додели АД ЕЛЕМ во категоријата социјална заштита во 2013 во центарот на вниманието беа маргинализирани и ранливите групи. Доделените спонзорства ЕЛЕМ ги насочи кон 3 искусни организации што обезбедуваат директна поддршка на своите целни групи, а се соочуваат со проблеми на одржливост. ЕЛЕМ процени дека токму тие организации решаваат сериозен проблем на одредена група граѓани и ја подобруваат нивната животна состојба.


Дополнително, поддржаните активности се посветени и на подигањето на јавната свест. ЕЛЕМ ги препозна социјалните кампањи како моќна алатка за комуникација со пошироката јавност со цел да повлијае и на други субјекти односно да ги поттикне да ја дадат својата поддршка за прашањето или темата на кампањата. Препознавајќи ја кампањата, како алатка што придонесува клучните пораки да допрат до примарната и секундарната јавност, поддршка од ЕЛЕМ добија: Здружение за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица: „Храна за сите – банка за храна Македонија“ и Кризен центар „Надеж“. Овие здруженија дејствуваат во областа на човековите права и социјалната заштита. Со оваа поддршка и во соработка со организациите кои ги спроведуваа проектите беа реализирани следните активности:
Кризниот центар „Надеж“ обезбедува помош, поддршка и згрижување на жртви на семејно насилство. Нивната СОС - линија годишно прима околу 100 повици. АД ЕЛЕМ ги поддржа сите активностите на центарот, со посебен акцент на информативната кампања за СОС - линијата и препознавањето на насилството врз жената.

Со поткрепа на АД ЕЛЕМ во периодот септември 2013 /јануари 2014 беа поддржани програмските активности на „Надеж“ и тоа:
• поддршка на жртвите на семејно насилство преку СОС-линијата (достапна 24ч.);
• емоционално зајакнување на жртвите на семејно насилство;
• првична правна помош преку едукацијаа на жртвите и
• згрижување и обезбедување сигурен и безбеден привремен престој од 24-48 часа, со капацитет за сместување на 5 односно 7 жртви на семејно насилство.

Со поддршка и во соработка со АД ЕЛЕМ, „Надеж“ имплементираше информативна кампања со наслов „Љубов или ?“ каде што целна група беа студентки. Целта на кампањата е да ја информира оваа ранлива група за видовите насилство што можат да се случат во врска, како и препознавање на разликите меѓу флерт и сексуално вознемирување. Но, и за тоа како потенцијалните жртви да се справуваат со таков вид насилништво. Активностите во рамки на кампањата вклучуваа:
• развивање пораки соодветни за целната група (акцентот беше ставен на насилство во врска и сексуално вознемирување, како и облици на насилство врз жената кои се карактеристични за овој возрасен период);
• дизајн и печатење на леток;
• дизајн и печатење на постер;
• дистрибуција на печатениот материјал на соодветни локации со фрекфенција на студентки (целната група);
• информирање преку социјалните медиуми.

Здружението за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица: „Храна за сите – банка за храна Македонија“ се бори за правото на социјално најзагрозените граѓани да им обезбеди егзистенцијален минимум, пресметан во најмалку еден достоен оброк дневно. Здружението обезбедува храна за оние кои навистина ја немаат.

Здружението беше поддржано од АД ЕЛЕМ и во 2012 година кога меѓу другото отпечати и информативен леток за неговите активности и начините на кои граѓаните можат да се вклучат. Со поддршка на АД ЕЛЕМ се реализираше кампањата „Со книга против сиромаштијата и гладот“, реализира кампања што мотивираше директни донации на храна, но и кревање на свеста кај граѓаните, институциите и бизнис-заедницата за феноменот сиромаштија и глад. Во рамки на кампањата беа реализирани следните активности:
• развивање концепт на кампања што ќе мотивира донирање храна;
• по угледот на АД ЕЛЕМ да се вклучат и други субјекти од бизнис-заедницата за дополнителна поддршка;
• развивање клучни пораки и материјали на кампањата (постер, информативен леток, поттикнувачки леток, обележувач за книга, налепница );
• дизајн и печатење на материјалот за кампањите;
• дистрибуција на материјалот;
• организација на три јавни настани – акции за донирање храна во Скопје, Тетово и Штип, и
• повикување за учество преку информации во медиуми.

 

 

Copyright © 2014 А.Д ЕЛЕМ. Сите права се заштитени.