Деловни настани
АД „Електрани на Македонија“ преку својата подружница „Енергетика“ од 1 јануари 2013 година, почна да испорачува топлинска енергија за потрошувачите на целата територија на скопската населба Автокоманда. За таа намена, компанијата во текот на минатата година го изгради магистралниот топловод во должина од два километри за населбата Автокоманда. Станува збор за инвестиција вредна 1,7 милиони евра реализирана на барање на граѓаните и на локалната самоуправа,а во соработка со Град Скопје. Со новата инвестиција, на мрежата на ЕЛЕМ Енергетика се приклучија дополнително 1.854 семејства во 70 станбени единици, како и градинки, училилишта, спортски сали и трговски објекти.
Во 2013 година беше изведен зафатот за модернизација на котелскиот систем во ТЕ „Битола 2“. Проектот вреден 88,5 милиони евра опфаќа целосна промена на јагленовиот тракт, доводот на јаглен, доводот на воздух, промена на поголемиот дел од цевниот систем, намалување на нивото на штетните емисии и редица други зафати врз сите три термоблока во РЕК „Битола“. Со целосната реализација на проектот што е планирано да заврши до октомври 2015 година, АД ЕЛЕМ ќе стане компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди и ќе ги исполни најстрогите европски директиви за заштита на животната средина
ЕЛЕМ инвестира 3,5 милиони евра за геолошки и за геотехнички доистражувања и испитувања на јагленовото лежиште Живојно. Истражувањата се завршени во март 2013 година, а со изработката на елаборати за рудните резерви и нивна ревизија се заокружува процесот на доистражување во Живојно - како локација за нов рудник за јаглен, кој е неопходен за продолжување на животниот век на РЕК „Битола“. Проценките се дека во овој рудник АД ЕЛЕМ ќе инвестира околу 103,5 милиони евра, а реализацијата би започнала по изработката на главниот рударски проект.
Во третата декада на февруари 2013 година почна ревитализацијата на хидроелектраните на АД ЕЛЕМ - втора фаза, со која е извршена замена на застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема. Исто така, се интервенираше во градежниот дел кај хидроелектраните и кај нивните придружни објекти. Во рамките на реализацијата на проектот е инсталирана дополнителна опрема, особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нивните придружни објекти. Проектот вреден 36,6 милиони евра што официјално беше завршен во јули 2014 година, овозможи продолжување на животниот век на постојните хидроелектрани и градежните објекти што се вклучени во нивниот состав , како и зголемување на сигурноста и способноста, зголемување на инсталираната моќност од 18,31 МW и дополнително годишно производство од околу 50 GWh електрична енергија.
АД ЕЛЕМ интензивно работи на проектот за топлификација на општините Битола, Новаци и Могила. За таа намена, во 2011 и 2012 г., е изведена реконструкција на турбините на два термоблока во РЕК „Битола“, зафат што има вкупна вредност од 4 милиони евра. Во текот на модернизацијата на турбинскиот блок 3, целосно е овозможено регулирано одземање на пареа со вградување на обвојници на новите преструјни цевководи меѓу цилиндрите за висок иза низок притисок, а истиот зафат е извршен и врз ТЕ „Битола 2“.
Во тек е изготвувањето на проектната документација, по чие комплетирање АД ЕЛЕМ ќе распише меѓународен јавен повик за избор на изведувач за изградба на топлификациската мрежа. Согласно динамиката, изготвувањето на проектната документација ќе заврши во 2014 година, по што ќе следи постапка за избор на изведувач за изградба на топлификациската мрежа.
Во мај 2013 година е поставен камен-темелникот на првиот парк на ветерни електрани во Македонија, „Богданци“. Користејќи го ветерот како погонска сила, ќе се обезбеди чиста електрична енергија од обновлив извор. Проектот се очекува да профункционира во средината на 2014 година.
Во текот на годината беше изведена патна инфраструктура, приклучен е далновод, се изгради командната зграда и 20/110 киловолтна трафостаница. Се подготвија и фундаментите на конкретните локации планирани за подигнување на ветерниците, а се прошири и трафостаницата „Валандово“ за поврзување на паркот на електроенергетскиот систем.
За проектот чија вредност е 55,5 милиони евра,КФВ- банката обезбеди 47,9 милиони евра, а останатите 7,6 милиони се сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Во првата фаза ветерниот парк „Богданци“ ќе има 16 ветерници, со моќност од 36,8 мегават-часови и годишно производство од 100 гигават-часови ветерна енергија. Ќе снабдува 15.000 домаќинства или вкупно 60.000 граѓани.
АД „Електрани на Македонија“ по трет пат со свој штанд се претстави на најголемиот европски саем за енергетика „Пауер Џен“, што од 4 до 6 јуни , се одржа во Виена, Австрија. Нашата компанија беше препознатлива на саемот за енергетика во Виена во делот на обновливите извори на енергија. Пред странски партнери и инвеститори, стручен тим на ЕЛЕМ ги презентираше потенцијалните и енергетските можности на Република Македонија.
На саемот ги претставивме проектите кои се веќе во реализација или за кои се почнати подготвителни активности, а тоа се ветерниот парк „Богданци“, електраната „Бошков Мост“ и браната „Луково Поле“. Со 3Д-анимации беа презентирани и развојните енергетски проекти за „Вардарска долина“ и хидросистемот на електрани „Чебрен“ и „Галиште“.
Оваа манифестација е од големо значење не само за ЕЛЕМ, туку и за Република Македонија, бидејќи на овој начин се воспоставуваат контакти со сите компании од оваа област.
Саемот на кој учествуваат компании од сите континенти, повеќе од една деценија, е место каде што се собираат сите релевантни односно значајни производители на енергија, како и компании што произведуваат опрема и ресурси од областа на енергетиката. Ова е трето учество на АД ЕЛЕМ на „Пауер Џен Европа“, во саемскиот дел за промоција на обновливи извори на енергија. Пред две години во Милано и лани во Kелн, штандот на единствената македонска компанија што досега излагала на најголемите саеми за енергетика го посетија неколку илјади луѓе и се воспостави комуникација со најголемите компании.
Оваа година меѓу АД ЕЛЕМ, Машинскиот факултет и Факултетот за природни и технички науки од Штип беше потпишан Меморандум за соработка и договор за изведување практична настава. Главните области предвидени во Меморандумот за соработка се: работа на развојно-истражувачки проекти, работа на апликативни проекти и консултативни активности со посебен акцент на едукативните активности.
Посебен акцент во меѓусебната соработка ќе се стави на развојот на едукативните активности, што ќе се реализираат преку континуирано образование на инженерско – техничкиот кадар, преку стипендирање студенти и постдипломци и обезбедување практична настава за студентите. Ќе се внимава на препораките за вработување на студенти дипломирани на овие образовни институции на барање на ЕЛЕМ, а ќе се обезбедат и предавања, семинари, одбрана на магистерски и докторски трудови од делокругот на рударството и машинството.
Генералниот директор на АД „Електрани на Македонија“ Дејан Бошковски и претседателот на Управниот одбор на рудникот „Премоговник Велење“, Милан Медвед, во Велење, Словенија потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието и обука на стручен кадар. Според документот, АД ЕЛЕМ ќе има можност практично да обучува кадри од областа на рударството и техничките науки со методите за јамска експлоатација на јагленот.
„Премоговник Велење“ располага со знаење, искуство, најсовремена опрема и сопствени знаења и вештини применливи во практика односно ноу-хау -патентиран метод за експлоатација на рудата кој се применува речиси на сите континенти. Нашиот стручен кадар на обуките во нивните капацитети ќе има можност да ги научи најсовремените методи за подземна експлоатација на јагленот. Специфичноста во методот е контролирано и ефикасно подземно ископување преку главниот верижен транспортер што овозможува големо производство на овој енергенс.
Словенечкиот претседател Борут Пахор, во рамките на својата официјална посета на Република Македонија ја посети хидроелектраната „Света Петка“. Во изградбата на ХЕ „Света Петка“ учествуваа повеќе словенечки компании, а главен изведувач беше РИКО од Љубљана.
Најновиот електроенергетски објект на АД „Електрани на Македонија“ е инвестиција вредна 75 милиони евра. Станува збор за еден од најсложените и најспецифични релизирани градежни зафати во Република Македонија.
Нејзината инсталирана моќност од 36,4 MW и годишното проектирано производство од околу 66 GWh ќе значи дополнително домашно производство на еколошки најприфатлива електрична енергија за околу 40.000 граѓани во Република Македонија.