ПВЕ „Богданци“ почна со производство на електрична енергија
Во февруари 2014 година заврши изградбата на паркот на ветерни електрани „Богданци“, прв ваков објект во Република Македонија, што ќе го користи ветерот како погонска сила за производство на електрична енергија. Подигнувањето и монтажата на ветерниците на локацијата Ранавец заврши на 20 февруари со што и официјално е заокружена најтешката фаза од изградбата која траеше 76 дена. Кон крајот на март беше спроведена координирана операција на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО И ЕВН –Македонија за приклучување на ветерниот парк на електропреносната мрежа преку трафостаницата во Валандово. Со тој зафат практично и се создадоа потребните предуслови да започне тестирањето на комплетната опрема преку пробно производство на електрична енергија што почна на почетокот на април кога беа испорачани и првите киловат-часови кон електроенергетскиот систем на Република Македонија. Согласно планот на активности, по пробната работа што како фаза е пропишана од производителот на опремата, новиот енергетски капацитет ќе биде на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија, односно ќе почне со редовно производство.
Турбините,како што веќе е познато се производство на Сименс - Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 80 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. ПВЕ „Богданци“се очекува да испорачуваат најмалку 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија. Истовремено тие ќе ја зголемат инсталирана моќност за 36 ,8 MW. Со овој проект ќе го зголемиме учеството на обновливите извори, што претставува уште еден показател за грижата на компанијата кон животната средина.
АД ЕЛЕМ го претстави проектот „Топлификација на општина Битола“
„Топлификацијата на Битола“ е еден од приоритетните проекти на АД ЕЛЕМ. Подготовката на проектната документација ќе биде заокружена оваа есен, а потоа ќе следи јавна постапка за избор на изведувач на мрежата. Сите отворени прашања ќе се решаваат во соработка со локалната самоуправа. Физичката реализација на проектот „Топлификација на Битола“ ќе почне во 2015 година, а придобивките ќе се почувствуваат во 2017 година кога секое домаќинство ќе може да користи топлинска енергија од РЕК „Битола“.
Првичните планирани инвестиции изнесуваат околу 60 милиони евра, средства обезбедени со согласност од КфВ банка. Проектот „Топлификација“ е стратешки, и директно влијае и врз заштитата на животната средина.
Овој проект ќе има позитивни финансиски и еколошки ефекти, бидејќи граѓаните ќе добијат евтина топлинска енергија, а ќе ја заштитиме и човековата околина.
Топлинската енергија ќе може да ја користат и жителите од пелагониските општини Могила и Новаци, и посебно земјоделците кои ќе се определат за оранжериско производство.
ЕЛЕМ на „Пауер Џен Јуроп“ во Келн
АД „Електрани на Македонија“ годинава по четврти пат, со свој штанд се претстави на најголемиот саем за енергетика во Европа „Пауер Џен Јуроп 2014“(Power Gen Europe)во Келн, Германија,во сегментот за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. АД ЕЛЕМ и годинава ги претстави развојните енергетски проекти во Република Македонија пред потенцијалните бизнис- партнери кои ја гледаат Македонија како можна бизнис-дестинација.
Oваа меѓународна манифестација е одлична можност за интернационално презентирање на компанијата, размена на знаења и искуства, воспоставување нови бизнис- релации и иницирање соработка со деловни субјекти од целиот свет. ЕЛЕМ веќе стана препознатлив бренд, бидејќи на своите штандови во изминатите три години воспостави контакт со преку 4.000 посетители и делегати, а воспостави и комуникација со повеќе компании од енергетскиот сектор. Општиот впечаток е дека постои голем интерес од посетителите и од компаниите што се присутни на саемот. Веќе почнуваат да не препознаваат дека сме дел од ова семејство на Пауер Џен што е многу важно за нашата компанија и воопшто за развојот на енергетиката во Македонија. На штандот често доаѓаат потенцијални идни партнери, кои би можеле да соработуваат во изградба, испорака на опрема и монтажа во идните проекти на АД ЕЛЕМ.
Заврши ревитализацијата на хидроелектраните-втора фаза, модернизираната ХЕ Вруток пуштена во производство
Со пуштањето во употреба на модернизираната хидроелектрана Вруток, најголемиот хидроенергетски објект во Република Македонија и формално е означен крајот на еден од најсложените енергетски зафати некогаш изведени во земјава- реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД „Електрани на Македонија“.
Во изминатиот 18. месечен период сите четири агрегати во ХЕ „Вруток“ се целосно ревитализирани и со овој зафат инсталираната моќност на четирите ревитализирани агрегати е зголемена од 37,5 MW на 41,4 MW или 4 MW по агрегат. Придобивките од ревитализацијата на генераторите во ХЕ „Вруток“ се зголемување на инсталираната моќност на хидроелектраната од 150 MW на околу 166 MW со речиси иста потрошувачка на вода по агрегат, потоа зголемување на ефикасноста на агрегатите, зголемување на доверливоста на системот, како и продолжување на работниот век за наредните 30 години.
Во однос на активностите поврзани со Мавровските хидроелектрани заврши доградувањето на браната Леуново, што овозможи зголемување на акумулацијата на Мавровското Езеро и можност за прифаќање на дополнителни над 32.000.000 кубни метри вода или 50 гигаватчаса електрична енергија. Завршена е и реконструкцијата на Речкиот и Шарскиот канал, со што евентуалните загуби на вода од овие објекти се сведени на минимум. Извршена е и санација на Толјанскиот тунел на најкритичните делници. Со овој зафат значително се зголеми сигурноста на самиот тунел, а истовремено се намалија загубите на вода низ објектот.
Во рамките на проектот е инсталирана дополнителна опрема, особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти. Ревитализирана е инјекционата завеса на браната на ХЕ Шпилје, а заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните Маврово, Глобочица, Шпилје, Тиквеш, Козјак и Св.Петка.