ХЕ Козјак

По поплавата во Скопје нашите експерти почнаа да размислуваат за изградба на брана како заштита за регулација и контрола на реката Вардар. Првите идеи за изградба на ХЕ Козјак се разработени во Студијата за регулација и контрола на реката Вардар, изработена од фирмата Норконсулт А.С. – Осло, Норвешка и финансирана од Обединетите Нации.

Акумулацијата не претставува само регулација и контрола на реката Вардар туку и ретензија на поплавниот бран од реката Треска во време на големи води, за што во акумулацијата е обезбеден простор од 100.000.000 м3 вода.

Со изградбата на оваа брана се оформи голем акумулационен простор кој како челна акумулација обезбедува регулирана вода за низводните хидроелектрани како и вода за наводнување на Скопско Поле. Браната и хидроелектраната Козјак се лоцирани на реката Треска, на околу 25 км возводно од нејзиното вливање во реката Вардар и на околу 16 км низводно од ХЕ Матка, во близина на Скопје и претставуваат прв степен во каскадата брани и хидроелектрани на реката Треска. Акумулацијата е со волумен 550.000.000 м3 вода, од кои корисниот волумен е 260.000.000 м3 вода.

Со завршувањето на еден од најсложените енергетски зафати-реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕСМ, заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните „Маврово“, „Глобочица“, „Шпилје“, „Тиквеш“, „Козјак“ и „Света Петка“. Во рамките на проектот е инсталирана дополнителна опрема, особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.

Историјат
Студии и идејни проекти од 1962 година.
Главен проект од 1989 година.
Почеток на градба во јули 1994 година.
Пуштање во работа на ХЕ Козјак во 2004 година.
Вкупните средни годишни дотекувања изнесуваат 661 милиони м3, додека просечниот проток е 20,95 м3/s.  

Доводен систем
Доводниот тунел со кружен пресек е со должина 460 м, а дијаметарот е 5,00 м. Прагот на влезниот објект поставен е на кота 420,00 м.н.в.

Брана и акумулација
ХЕ Козјак има камено-насипна брана со висина од 126,1 м, при што се формира акумулација со вкупен волумен од 550 милиони м3, од кои корисниот волумен изнесува 260 милиони м3. Максималното работно ниво на акумулацијата е 459,00 м.н.в. а минималното е 432,00 м.н.в.

Хидроелектрана
Хидроелектраната Козјак е со инсталирана моќност од 82 MW и годишно производство од 130 GWh. Машинската зграда се наоѓа во подножјето на браната. Во зградата се сместени два агрегати опремени со Францис турбини со вертикална оска, како и со трофазни синхрони генератори. Двата блок-трансформатори се сместени надвор од машинската зграда. Локацијата на разводната постројка 110 kV е надворешна.

Основните карактеристики на ХЕ Козјак се:
Тип на електрана прибранска-акумулациона
Локација Скопје
Слив Река Треска
Број на агрегати 2
Инсталирана моќност 82 MW
Просечно годишно производство 130 GWh
Пуштање во работа 2004
Нето висински пад 95 м
Инсталиран проток 100 (2×50) м3/s
 Тип на турбина Францис