Рудници
БЕСКОНЕЧНОСТ ПРЕТОЧЕНА ВО ЖИВОТ
Заробеното богатство во земјата го преточуваме во енергија. Јагленот е доминантен електроенергетски ресурс за производство на електрична енергија. Јагленот и гасот учествуваат со повеќе од 50 отсто во производството на електрична енергија во Европската унија и ќе останат во наредните децении важни карики во енергетскиот микс. Јагленот – лигнитот е основен енергент во електроенергетскиот систем во Северна Македонија. Јагленот се применува и во индустријата, топлификацијата, но и за широка потрошувачка, а за нас е од суштинска важност понатамошното истражување на изворите, производството и неговото користење.
Стратешки може да се констатира дека иднината на енергетиката во Северна Македонија е во веќе утврдените и потенцијални резерви на јаглен. Вкупните резерви на јаглен заедно со потенцијалите од Пелагонискиот басен се проценуваат на 2.5 милијарди тони.
Македонските јаглени се лигнити со релативно ниска калорична вредност и висока содржина на влага и пепел од геолошка плиоцентска и миоцентскастарост. Јагленот во РСМ во моментов се експлоатира во два типа на рудници. Првиот тип се рудниците кои се во состав на термоелектраните за производство на електрична енергија (Суводол, Осломеј), а вториот тип се рудниците кои ги задоволуваат потребите на индустријата и широката потрошувачка од јаглен како гориво.
Базната енергија на електроенергетскиот систем на државата се темели врз јагленовиот потенцијал на Кичевскиот и Пелагонискиот басен со утврдените јагленови наоѓалишта: Суводол, Брод-Гнеотино, Живојно, Осломеј, Поповјани и Страгомиште, кои овозможија отворање на двата наши големи површински копови на јаглен – ПК Осломеј и ПК Суводол.
Природните услови и утврдените резерви на јагленовите лежишта, како и техничките можности на енергетскиот систем се своевидна гаранција дека и во наредниот период ќе продолжи континуираното работење на термоелектраните. Од вкупно утврдените 664 милиони тони геолошки резерви на јаглен во РСМ, се проценува дека 38% можат да се експлоатираат со површинско откопување, а остатокот со јамско-подземна технологија. Јамската експлоатација на јагленот на нашите простори сеуште не е застапена.
Се очекува јагленот и во иднина да има голема примена во индустријата, топлификацијата и широката потрошувачка. Нашата земја е енергетски зависна од неговото истражување, производство и користење. Загадувањето на животната средина при користењето на лигнитите е нивна слаба страна, но поставувањето на строги еколошки критериуми и максималната грижа за заштита на работната и животната средина се наши приоритети.
Постоечки објекти