ХЕ Козјак, по18 месеци, повторно може да работи со полн погон
Хидроелектраната Козјак повторно е во можност со целосен капацитет да произведува електрична енергија. По двомесечна успешна санација на првиот генератор, оваа електрана, со инсталирана моќност од 40 MW, е повторно ставена во погон, и комплетно е на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија. Реализацијата на проектот за санација на генераторот 1 во ХЕ Козјак почна на 26 јануари, годинава. Сите планирани активности за отстранување на оштетувањата, во согласност со техничката спецификација успешно беа завршени на 21 март, со завршување на тест-периодот. По извршени детални контроли на сите примарни системи, на 22 март, годинава, агрегатот беше вклучен на мрежата на Националниот диспечерски центар во АД МЕПСО и на Диспечерскиот центар на АД ЕЛЕМ.
Првиот агрегат во ХЕ Козјак, не беше во функција од септември 2016г., кога, при тековното работење реагирала статорската заштита, по што е констатиран дефект на статорската намотка. Од тие причини овој генератор, околу 18 месеци, не беше во можност да произведува електрична енергија. Од енергетски аспект, со неработењето на еден генератор на ХЕ Козјак беше преполовен капацитетот на производство на електрична енергија и регулираното испуштање вода од акумулацијата Козјак, што, пак, од друга страна, предизвика редуцирано искористување на енергетските капацитети на ХЕ Св. Петка и ХЕ Матка. Со поправката на генераторот 1, оваа состојба е целосно надмината.
Изведувачи на санацијата, во согласност со јавната набавка, беа фирмите АТБ Север МАК ДООЕЛ од Скопје и АТБ Север ДОО од Суботица. Вкупната вредност на реализираниот договор изнесува 2.972.906 денари (48.340евра), без ДДВ.
ХЕ Козјак е хидроенергетски објект од прва категорија и е прва хидроелектрана од каскадниот систем на електрани на реката Треска. Примарната намена на ХЕ Козјак е заштита на градот Скопје од поплави, преку акумулирање на дотоците од р. Треска во акумулација Козјак. Секундарната намена на оваа електрана е производство на електрична енергија преку регулирано испуштање вода од акумулацијата Козјак. Поради фактот дека се наоѓаме во годишен период кога реално и статистички има зголемени дотоци, кои се движат од 70 m3/s до 120 m3/s, од безбедносен аспект, само со расположливите два агрегата на ХЕ Козјак успешно може да се контролира истекот од акумулацијата Козјак во опсег од 0 до 100 m3/s вода, со што се регулира котата на акумулацијата.
На годишно ниво, еден агрегат во ХЕ Козјак, просечно произведува околу 70.000MWh, што по регулирана цена изнесува околу 3 милиони евра. Агрегатите, меѓу другото, се користат и за регулација на дневните варијации на потрошувачката на електрична енергија.