Затвори
Тендери

Почетна Енергетски извори

Енергетски извори

  • PDF

ХИДРОЕЛЕКТРАНИ
Податоци за искористувањето на хидроенергијата во историјата има од многу одамна. Археолошките наоди не`информираат дека уште пред 5.000 години имало системи за наводнување, односно претворање на хидроенергијата во механичка. Почетоците на хидроелектричните централи какви што ги познаваме датираат од 1896 година кога под водство на Никола Тесла и Томас Алва Едисон била изградена првата централа на наизменична струја на водопадите на Нијагара.

slapovi

Денеска околу 20% од светското производство на електрична енергија потекнува од хидропотенцијалите, а постојано се проектираат и градат нови хидроцентрали. Во повеќето земји, заради недостаток на воден потенцијал, хидроелектраните се користат за покривање на максималните потреби на електрична енергија благодарение на можноста брзо да се пуштат во погон.

Освен што се еколошки многу поволни за околината, нема емисии на СО2, реките се почисти бидејќи отпадот се отстранува заради безбедна работа на турбите, хидроцентралите се и ефикасна одбрана од поплави. При изградба на хидроелектрана непосредниот еколошки систем се менува, но проектите се изведуваат по извршени детални истражувања, консултации со експерти и по изработени бројни физибилити студии, па системот се доведува во еколошка рамнотежа која се вклопува со природата и не го нарушува нејзиниот режим. Интересно е да се забележи дека изградба на хидроелектрана со 1000 MW инсталиран капацитет може да предизвика промена во екосистемот колку што би предизвикала изградбата на делница од автопат со должина од 5 до 6 километри, со една огромна разлика, погонот на хидроелектраната не создава емисија на штетни гасови.

Хидроенергијата е обновлив извор на енергија и секаде во светот таа добива значење поради повеќенаменското искористување: производство на електрична енергија, водоснабдување, наводнување, рекреација и риболов. Единствен обновлив ресурс чии енергетски, економски и еколошки параметри се потврдени и докажани во светски рамки е хидропотенцијалот. Нашата земја располага со солиден хидропотенцијал.

Во АД ЕЛЕМ постојат осум хидроелектрани, од кои две проточни - Равен и Врбен и пет акумулациони - Вруток, Шпилје, Глобочица, Тиквеш, Козјак и Св. Петка. Вкупната инсталираност на хидрокапацитетите изнесува 566 MW, односно 40% од вкупните капацитетите на АД ЕЛЕМ. Од целокупното производство на електрична енергија во АД ЕЛЕМ, хидропроизводството обезбедува 26%, пред сè, за задоволување на дневните варијации на потрошувачката на електрична енергија со што се постигнува поголема флексибилност и распoложивост на електроенергетскиот систем.

ТЕРМОЕЛЕКТРАНИ
Најголемиот дел од вкупното производство на електрична енергија во Македонија се добива од ТЕ „Битола“ и РЕК „Осломеј“ од јагленот во рудниците „Суводол“ и „Осломеј“. Јагленот ќе остане значаен и важен енергетски извор за нашата држава. Својата развојна политика ЕЛЕМ ја темели на навремено обезбедување експлоатациони резерви на јаглен и континуирано и систематски презема активности за доистражување на потенцијалните наоѓалишта. Стратегиски може да се констатира дека иднината на енергетиката во Македонија е во утврдените и во потенцијалните резерви на јаглен.

BagerHDR

Најголем термокапацитет е Битола со своите три блока Битола 1, 2 и 3, од по 233 MW. Тие обезбедуваат 80% од производството на електрична енергија во нашата земја. Јагленот со просечна калоричност од 7.900 кЈ/ кг е основно гориво на РЕК „Битола“. Во составот на термосистемот во Македонија припаѓа и РЕК „Осломеј“ со инсталирана моќност на блокот од 125 MW и годишно нето-производство од 400 GWh. Јагленот со просечна калоричност од 7.900 кЈ/кг е основно гориво и во РЕК „Осломеј“. Термоелектраните се приоритетни во електроенергетскиот систем кај нас.

ЕНЕРГИЈА ОД ВЕТЕР
Користењето на енергијата на ветeрот за производство на електрична енергија почнала да се развива во триесеттите години на XX век и тогаш започнува изградбата на првите ветерници – објекти за електромеханичка конверзија на енергијата на ветeрот. Денес производството на електрична енергија од ветер претставува гранка од енергетиката која успешно се развива, како во поглед на развојот на технологијата, така и во поглед на зголемениот број инсталирани ветерни паркови во светски рамки.

VeterniciA4Одлуката за вклучување на енергијата на ветрот како дел од портфолиото на АД ЕЛЕМ е донесена во јуни 2004 година, кога Секторот за развој и инвестиции објави Јавен повик за изработка на Прелиминарен Атлас на ветровите за Република Македонија. Атласот го изработила американската компанија AWS Truewind LLC, користејќи го MesoMap system, нумерички модел за временска прогноза. Основна цел била да се идентификуваат, селектираат и изберат регионите и локациите кои поседуваат доволен енергетски потенцијал на кои ќе се постават мерни станици за утврдување на реални можности за реализација на проекти. Со Атласот се утврдило дека најдобри ресурси на ветар во Македонија има на планинските сртови, додека во низините и долините има значително помала просечна брзина на ветрот. Сепак, доказ дека и на помала надморска височина има потенцијал се ридовите по текот на реката Вардар во делот меѓу Кавадарци и Гевгелија, во југоисточна Македонија, каде претпоставената средна брзина на ветрот достигнува 7-7,5 m/s на 500-800 м.н.в. Резултат од Атласот беа 20 локации – кандидати ширум земјата, со потенцијал за инсталирање на постројки со капацитет од 25 MW до 33 MW.

Како компанија која ги следи светските трендови во 2014 година го изградивме првиот ветерен парк во Македонија, Богданци. На локацијата Ранавец беа подигнати и монтирани 16 ветерници со инсталиран капацитет од 36,8 MW. Во моментов се прават подготовки за реализација на втората фаза од проектот, проширување на Ветерниот парк за дополнителни 6 ветерници и дополнителен 13,2 MW инсталиран капацитет.

Контакт

АД "ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА"
11. Октомври 9
1000 Скопје
Република Македонија

e-mail:contact@elem.com.mk

Енергетска мапа

energetska_mapa

За нас

Производство

Животна средина

Инвестирање

Општествена одговорност

Контакт